С Т А Т У Т
НА
КОНТРАРЕВОЛУЦИОНЕРНАТА
ПОЛИТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА МАКЕДОН

А. ОПШТИТЕ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут подробно се уредуваат името и скратеното име на партијата
Контрареволуционерна Политичка Организација Македон; ознаките и симболите на
партијата; статусот и седиштето на партијата; основните идеолошки насоки на
партијата; политичките цели на дејствувањето; остварувањето на јавноста во
работењето; начинот на дејствувањето; зачленувањето и престанувањето на
членството во партијата и правата и обврските на членовите; органите на партијата,
изборот и отповикувањето на органите, мандатот и начинот на одлучувањето;
застапувањето на партијата; стекнувањето и располагањето со средствата; имотот на
партијата и постапувањето во случај на престанок на партијата како и други прашања
од значење за работењето на партијата.

Член 2

Името и скратеното име
Името на партијата е Контрареволуционерна Политичка Организација Македон (во
натамошниот текст: Македон). Скратеното име на партијата е МАКЕДОН, испишано со
големи букви.

Член 3

Ознаките и симболите
Македон има свое знаме и грб. Знамето има правоаголен облик со бела основа. На таа
основа во средина се наоѓа стилизиран двоглав орел односно митолошкото суштество
грифон, кој во едната рака држи меч, а во другата рака држи сфера со крст. На градите
на двоглавиот орел се наоѓа штит со стилизиран разјарен и крунисан лав, а над
двоглавиот орел е испишано името на партијата со големи букви „МАКЕДОН“, со
поднаслов каде се испишани годината на пројавувањето на идејата за основањето на
партијата заедно со партискиот слоган со големи букви „2021 | НИКА“. Под двоглавиот
орел е испишан другиот дел од името на партијата, со големи букви
„КОНТРАРЕВОЛУЦИОНЕРНА ПОЛИТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА“.

Грбот има облик исто така на двоглавиот орел, односно на митолошкото суштество
грифон, кој во едната рака држи меч, а во другата рака држи сфера со крст. На градите
на двоглавиот орел се наоѓа штит со стилизиран разјарен и крунисан лав.

Македон има печат кој е во кружен облик и штембил во правоаголен облик.

Член 4

Статусот и седиштето
Македон има својство на правно лице.

Член 5

Основните идеолошки насоки
Македон е лаократска и монархистичка партија. Основата на Македон се втемелува
врз културните и традиционалните вредности на Македонскиот народ, како и врз
светоотечкото предание кое произлегува од православната Вера, предание кое дава
своевидно гледиште за уредувањето на односите во државата и во општеството. За
уредувањето во економските односи, Македон се определува за аграрниот
социјализам и праведната стратификација на македонското население.

Член 6

Македон во остварување на своите основни идеолошки насоки може да соработува со
домашни и странски политички партии, организации и здруженија, да стапува во
коалиции и да истапува од нив и да членува во соодветните странски организации.

Б. ЦЕЛИТЕ, НАЧЕЛАТА И НАЧИНИТЕ НА ОСТВАРУВАЊЕТО НА ДЕЈНОСТА НА
ПАРТИЈАТА

а.Целите

Член 7

Лицата се здружуваат во Македон заради остварувањето на вишите заеднички
интереси и идеи, и заради остварувањето на постојаната културна и политичка
контрареволуција, преку следниве прецизирани политички цели и задачи:

-да го развиваат чувството на патриотизам и чувството на припадност кон
Македонскиот народ;

-да ги застапуваат и афирмираат културните, духовните и традиционалните
вредности на Македонскиот народ;

-да создадат и градат можности и услови во општеството и државата, за фази на
преобразба, кои од државата и општеството ќе сторат силна и независна држава која
истата ќе се грижи за интересите на сите Македонци;

-да ја афирмираат културната, историската, цивилизациската и духовната посебност
и одделност на Македонскиот народ;

-да овозможат целосно и раздвижено вклучување во севкупниот живот на
македонското иселеништво во својата матична држава;

-да развиваат соработка и трајни врски со деловите на Македонскиот народ во
соседните држави;

-да пронајдат современи обрасци за спречување на помладото население од
Македонскиот народ во нивната желба да се отселат во странство, и истите да
пронајдат начин, смисла и автентично творештво, животот да го продолжат во
својата матична земја;

-да пронајдат современи, справедливи и еколошки економски обрасци, со кои би се
развивала економската лична слобода на луѓето, истовремено при тој процес да не се
нанесува штета врз природата и биолошкиот свет, односно обрасци кои би
овозможиле рамномерен и одржлив развој на економијата;

-да ги искористуваат и правилно да ги насочуваат сите човечки, материјални и
нематеријални ресурси со цел да исползуваат колективна корист за интересите на
Македонскиот народ;

-да поттикнат развој на образованието и науката како столбови и предикати за
развој на технологијата и за светски натпреварувачката извозна база;

-да усогласат сеопфатна и трајна заштита на животната средина заедно со заштитата
на природата на човечкото битие;

-да го поттикнуваат развојот на земјоделието и сточарството, особено развојот на
винарството, согласно биодинамичките стандарди и да пронајдат ефикасни мерки и
решенија за нивниот општествено-економски процут;

-да пронајдат рамки и решенија за остварување на визијата за ГМО-слободна држава.
Да се забрани производство, увоз или транзит на ГМО продукти и технологија на
територијата на државата;

-да го поттикнуваат спортот меѓу Македонскиот народ и спортот во државата да го
одвлечуваат од груба комерцијализација и промена на спортската суштина;

-да пронајдат рамки и решенија, за забрана на оние спортови кои поттикнуваат
насилство, егоизам, бескрупулозна потрошувачка и однесувања меѓу Македонскиот
народ кои се спротивни на начелата кои произлегуваат од светоотечкото предание;

-да го поттикнуваат и развиваат внатрешниот туризам и привлекувањето на поголем
број на туристи од државата во поголемите туристички места;

-да градат односи со соседите врз начелата на меѓусебна признаеност, еднаквост и
рамноправност како и врз начелото на реципроцитет во мерките;

-да ги унапредуваат односите со земјите од Блискиот Исток, Африка и Далечниот
Исток преку соработка и можно приклучување со членство во постојните
организации за економскиот развој, кога тоа е во интерес на државата;

-да ги унапредуваат односите со Египет, Турција, Сирија, Либан, Иран, Ирак,
Узбекистан, Пакистан, Авганистан и Индија, како народи и општества кои делат
заедничко наследство и културен простор од македонската историја, преку
соработка и меѓусебна почит, кога тоа е во интерес на државата;

-да ги унапредуваат односите со Руската Федерација, како држава и општество кои
пројавуваат посебен интерес кон светоотечкото предание и словенската култура,
преку соработка и меѓусебна почит, кога тоа е во интерес на државата;

-да градат односи со државите од Европа, САД и другите региони во светот, врз
начелото на меѓусебно почитување и признавање на нашето етничко име, историја и
идентитет на Македонскиот народ;

-да градат блиски односи со земјите со словенска култура, преку соработка и
меѓусебна почит, кога тоа е во интерес на државата;

-да работат на план за соработка и со другите држави и народи ширум светот,
особено кога тоа е во интерес на државата.

Член 8

За остварување на целите од членот 7 од овој Статут се изготвува практична програма
за работа на партијата.

Програмата од ставот 1 на овој член ја донесува Собранието на партијата.

б.Начелата на работа

Член 9

Јавност
Работата на Македон е јавна.

Јавноста во работата на органите и телата на Македон се остварува преку:
-учество на членовите на Македон во работата на органите и телата на партијата;
-издавање на сопствени гласила и периодични публикации поврзани со работата на
партијата;

-организирање на други медиуми кои се во улога на обелоденување и
популаризирање на работата на партијата;

-организирање на собири за печат и издавање на соопштенија за јавноста;
-учество на разни собири, тркалезни маси, дебати како и преку настапи во средствата
за јавно известување;

-поднесување на извештаи за работа на партијата, односно нејзините органи и тела;
-известување на јавноста за ставовите на Македон за настани и случувања преку
званичната интернет-страна на партијата;

-односи со јавноста преку социјалните мрежи.

Јавноста во работата може да биде ограничена само во случаи кога се расправа за
внатрепартиски работи, проблеми или заземање на партиски ставови за постапување.

Одлука за ограничување на јавноста го донесува челникот на партијата.

Член 10

Законитост и статутарност
Своите политички цели, задачи и акти Македон ги заснова и остварува во согласност
со Уставот и законите.

Политичката и организациската активност на Македон се остварува во согласност со
одредбите на овој Статут.

Член 11

Солидарност и братољубие
Македон покажува грижа за своите членови и ќе работи на давање на помош и
поддршка во рамките на своите можности.

Поддршката и помошта од ставот 1 на овој член се уредува со посебна одлука.

в.Начините на делување

Член 12

Членовите на Македон во остварувањето на дејноста на партијата дејствуваат
единствено, со почитување на утврдените цели и задачи заради нивното остварување.

Утврдените цели и задачи се обединувачки елемент за активноста на Македон.

Член 13

Остварувањето на целите и задачите на Македон ќе се одвива по пат на делување кое
подразбира:

-обелоденување/појаснување на утврдените цели;

-поттикнување на решенија за решавање на одделни (политички, економски,
социјални, културни и сл.) проблеми;

-покренување на движења за донесување на закони и други акти од сите области на
општественото живеење;

-присуство во јавноста заради обелоденување и појаснување на партиските ставови и
мислења;

-вршење на политичко влијание и пропаганда преку сопствени средства за односи со
јавност;

-учество во власта и

-други начини на делување кои се во улога на остварување на основните партиски
начела, цели и задачи.

Член 14

Македон има право и должност да се огради од поединечното однесување и
дејствување на одделни нејзини членови кои се спротивни на партиската програма и
Статутот или кои не се овластени од партиските органи за одредено однесување или
дејствување.

Член 15

За официјален став на партијата ќе се смета само оној кој е усвоен и објавен од
Собранието, челникот или од овластено лице.

В. ЗАЧЛЕНУВАЊЕТО И ПРЕСТАНОКОТ НА ЧЛЕНУВАЊЕТО ВО ПАРТИЈАТА

Член 16

Зачленувањето
Членувањето во Македон е доброволно.

Член на Македон може да биде секој полнолетен државјанин кој е деловно способен и
кој ги прифаќа основните идеолошки насоки, програмата и Статутот на партијата.

Секој член има право постојано да придонесува кон исполнување на целите на
партијата.

Зачленувањето, по правило, се врши со пополнување на пристапница за членство во
партијата на утврден образец, во писмен или во електронски облик.

На секој нов член, по зачленувањето во партијата му се издава книшка за потврда на
членството и партиската припадност.

Подробно уредување на прашањата за зачленувањето, се уредува со посебен акт.
Партијата за своите членови води белешка во посебна архива за членство и таа се
обновува еднаш годишно. Начинот на водењето на архивата се уредува со посебен акт.

Член 17

Престанокот на членувањето
Членувањето во Македон престанува:

a) со смрт на членот или со трајно губење на неговата деловна способност;

б) по барање на членот или

в) со исклучување од партијата.

Член 18

Престанокот на членството во Македон по барање на членот може да биде со давање
изјава за доброволен престанок на членувањето, за што членот пополнува истапница
или доколку членот станал член на друга политичка партија и со тоа се брише од
архивата, односно белешката на членовите на Македон.

Исклучувањето на член од Македон настанува во случаи на дејствување кое е
спротивно на основачките документи или другите акти на партијата. За исклучување
на член одлучува челникот на партијата.

Секој член на телата на Македон може да покрене прашање за нечие членство во
партијата ако има основано сомневање за намерите или вредностите на одреден член
или за неговото делување во името на партијата во постапка утврдена од партијата.

Постапката за исклучување
Прашањето за нечие членство се доставува писмено до Одделот за кадровските
прашања, кој ја разгледува основаноста на предметот.

Одделот за кадровските прашања доколку утврди дека прашањето за нечие членство
во партијата е основано, доставува предлог за исклучување до челникот.

Челникот пред да донесе одлука по предлогот за исклучување на членството, бара
мислење од Советот на школарите.

Конечното мислење на Советот на школарите, се изгласува со мнозинство гласови од
вкупниот број на членови во школарскиот Совет.

Мислењето од Советот на школарите, има обврзувачки карактер за челникот.

Г. ПРАВАТА И ОБВРСКИТЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Член 19

Правата на членовите
Секој член на Македон ги има следниве права:

-да учествува со еднаква можност како повереник со другите постојани повереници
во седниците на Собранието на Македон според правилата на непосредната
демократија;

-да учествува во работата на партијата;

-да придонесува во создавањето и спроведувањето на политиките на партијата;

-да бира и да биде биран во партиските органи или на друг начин да учествува во
работните тела;

-да биде кандидат или да кандидира други лица за партиските изборни листи и
други јавни положби;

-да поднесе оставка на должноста т.е. положбата на која е избран или именуван;
-да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;

-да поставува прашања до партиските органи и избраните или именуваните на
јавните положби;

-да обезбедува и ужива партиска солидарност и братољубие;

-да биде запознаен за активностите на пaртијата и др.

Член 20

Обврските на членовите
Секој член на Македон ги има следниве обврски:

-редовно да плаќа членарина;

-да ги спроведува одлуките на партиските органи;

-да ги застапува интересите и ставовите на партијата и во своите јавни настапи да ја
следи основната идеолошка идеја;

-да работи на единство на партијата;

-при вршењето должност во и надвор од партијата својот личен интерес да не го
става пред македонските и општите партиски интереси.

Д. ОРГАНИТЕ НА МАКЕДОН

Член 21

Органи на Македон се:

-Собранието (Соборот);

-челникот;

-Советот на школарите (школарскиот Совет);

-главниот управител (Гупра);

-општинските окрузи (ОО);

-задграничните окрузи (ЗО).

Во Македон може да се основаат и други помошни органи, тела, работни групи и сл., во
согласност со потребите на партијата. Видот и надлежностите на овие помошни
органи, тела, работни групи и сл. се утврдуваат со посебни акти на партијата.

а.Собранието (Соборот)

Член 22

Собранието е највисокиот орган на Македон.
Собранието:

-ги донесува и менува Статутот и програмата на партијата;

-ги утврдува основните насоки и ставови за делување на органите и на партијата во
целина;

-усвојува извештаи за работа на органите и телата на партијата;
-донесува деловник за работа и

-врши и други работи од интерес и значење за партијата.

Член 23

Собранието е составено од следниве повереници:

-челникот;

-главниот управител на партијата;

-пратениците во Собранието на државата, министрите во Владата на државата како и
избраните или именуваните на високите државни должности од редот на Македон;

-градоначалниците на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје од
редот на Македон;

-управителите на општинските окрузи;

-двајца претставници од општинските окрузи;

-управителите на партиските органи и тела;

-членовите на школарскиот Совет, односно школарите;

-управителите на задграничните окрузи;

-двајца претставници од задграничните окрузи и

-сите останати членови на партијата, кои сакаат да имаат непосредно и повереничко
учество во Собранието, и кои имаат докази за партиска припадност (партиска
книшка) и редовно намирена партиска членарина (од месецот на зачленувањето во
партијата па до месецот на закажаната седница на Собранието).

Член 24

Собранието работи на седници.

Седниците на Собранието можат да бидат редовни и вонредни.

Редовните седници се одржуваат на четири години.

Вонредните седници се одржуваат по потреба.

Член 25

За остварување на својата надлежност, Собранието донесува одлуки, мислења,
ставови, заклучоци, препораки и други акти.

Сите одлуки, мислења, ставови, заклучоци, препораки и други акти донесени на
седницата на Собранието, се уредуваат во една партиска дијаграма и таа се обзнанува
и доставува на увид на јавноста.

Член 26

Собранието го води челникот на партијата.

Собранието може да работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број
на повереници.

Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број
повереници.

За менување на Статутот, целите, начелата и начини, и основните идеолошки насоки
на партијата потребно е 2/3 мнозинство од вкупниот број на поверениците.

За секоја седница на Собранието се изготвува дневен ред кој на писмен или
електронски начин се доставува до поверениците, најмалку четири недели пред
одржување на Собранието. За текот на седницата и донесените одлуки се води
записник.

Седниците на Собранието ги свикува челникот.

Вонредна седница на Собранието може да се свика во случај кога тоа ќе го побараат
најмалку 1/3 членови на партијата, 1/2 од членовите на Советот на школарите или
челникот на партијата.

Вонредното Собрание може да одлучува само по точките кои се предмет на вонредна
седница на Собранието.

Верификацијата на мандатот на поверениците го утврдува Одделот за кадровските
прашања на партијата.

Член 27

Собранието одлучува по точките од дневниот ред со јавно гласање.

По предлог на 1/3 повереници од присутните повереници на Соборот, гласањето може
да биде и тајно ако предлогот биде усвоен со мнозинство гласови од присутните.

Собранието има свој деловник за работа во кој подетално се разработуваат прашањата
кои се однесуваат на начинот на работа, гласањето, свикувањето на седниците и за
други прашања од значење за работата на Соборот.

б.Челникот

Член 28

Челникот е монокефален политичко-извршен орган на партијата.

Челникот го избира Собранието, по предлог на Советот на школарите.

Мандатот на челникот е условно доживотен.

Член 29

Челникот:

-утврдува предлози на акти кои ги донесува Советот на школарите;

-ги спроведува актите кои ги донело Собранието;

-ги следи актуелните општествено-политички и економски случувања, расправа во
врска со нив, зазема став по истите и во врска со тоа предлага движења и мерки во
вид на предлог-точки на дневниот ред до Собранието;

-се грижи за организационата мрежа на партијата и презема мерки за унапредување
на истата;

-донесува одлука за исклучување и одговорност на партиските членови;
-донесува одлуки за основање и распуштање на општинските и задграничните
окрузи;

-се грижи за материјално-финансиското работење на партијата;
-основа и укинува помошни органи, тела, комисии, одбори и работни групи за
потребите на партиските активности;

-дава предлог-точки до Собранието за преземање одредени мерки и активности;

-одлучува за тековни активности од значење и интерес за партијата;

-врши и други работи и задачи кои се во улога на извршување на партиските ставови,
одлуки и заклучоци.

Член 30

Челникот избира двајца заменици.

Челникот го претставува и застапува Македон.

Челникот се избира од редот на членовите на школарскиот Совет.

Мандатот на челникот му престанува ако му изгласаат недоверба мнозинство од
вкупниот број на членови на школарскиот Совет.

Член 31

Челникот донесува предлози, мислења, ставови, заклучоци, упатства, одлуки,
решенија и други акти преку кои ја остварува својата дејност.

в.Главниот управител (Гупра)

Член 32

За вршење на оперативни, кадровски и помошно-технички работи за потребите на
партијата се основа стручна служба, односно Главна управа.

Лицата кои ги вршат активностите од ставот 1 на овој член се ангажираат врз
доброволен принцип. За вршење на одредени работи и задачи може да се заснова и
работен однос, во согласност со закон кој ги уредува работните односи.

Член 33

Во рамките на Главната управа или самостојно, може да се основа еден или повеќе
партиски истражувачко-аналитички центри.

Целите, задачите и начинот на работата на истражувачко-аналитички центар, односно
центри се уредува со актот за нивното основање.

Актот за основање на истражувачко-аналитичките центри го донесува челникот.
Финансирањето на центрите од ставот 1 на овој член се врши на начин утврден со
закон.

Член 34

Со Главната управа раководи главниот управител на Македон.

Главната управа се грижи за организирање на службата, за навремено извршување на
доверените работи и задачи, за унапредување на работата на службата, за
поттикнување на одредени прашања пред соодветните партиски органи и тела и сл.

Главниот управител за својата работа е одговорен пред челникот.

г.Советот на школарите (школарскиот Совет)

Член 35

Советот на школарите е орган на партијата кој има советодавна, надзорна и движечка
улога, чија основна цел е зачувување на изворните идеолошки начела на програмските
определби заради кои е основана партијата.

Советот на школарите ги следи активностите во партијата, односно на нејзините
органи, тела, работни групи и општинските и задграничните окрузи како и на лицата
кои се избрани за вршење на јавни должности (пратеници, членови на Владата,
градоначалници и сл.).

Советот на школарите може до соодветните органи и тела на партијата да поттикнува
постапки; да укажува на одредени настани и случувања кои се од значење за
остварување на основните партиски начела; да дава совети и насоки за разрешување
на одредени внатрепартиски проблеми; да зазема ставови по одредени прашања; да
дава предлози на челникот и другите органи, тела како и за други прашања од интерес
на партијата.

Член 36

Советот на школарите е составен од лицата – поттикнувачи за основање на Македон.

Првиот состав на школарскиот Совет се објавува на основачкото Собрание на Македон.

Советот на школарите има првенец кој се избира со мнозинство на гласови од
вкупниот број на неговите членови, за време од четири години, со можност за
повторен избор.

Советот на школарите може да работи на званични и незванични седници. Седниците
се свикуваат по потреба.

Советот на школарите може да се обновува со членови од редовите на Македон кои
дале значаен придонес во развојот на партијата воедно и значаен придонес за
интересите на Македонскиот народ.

Нов школар на Советот се станува со мнозинство од 2/3 гласови од вкупниот број на
членовите на школарскиот Совет.

Советот на школарите го предлага челникот со мнозинство гласови од вкупниот број.

д.Основните помошни органи и тела

Член 37

За вршење на стручни, нормативно-правни, аналитички, советодавни и други работи
и активности во одделни подрачја на општественото живеење се основаат оддели,
управи и други помошни органи и тела.

Како постојани партиски тела се основаат Одделот за материјалните прашања и
Одделот за кадровските прашања.

Член 38

Одделот за материјалните прашања (ОМП):

-врши надзор во делот на материјално-финансиското работење на партијата и на
поединците (одговорните лица) и изготвува извештаи еднаш месечно кои ги
доставува до челникот;

-предлага решенија во делот на финансиската активност на партијата;
-доставува извештај за својата работа до челникот.

Член 39

Одделот за кадровските прашања (ОКП):

-ја следи активноста и работата на членовите и воспоставува систем на вредности за
избор на членови за одделите, државните и општинските должности, пратеници во
Собранието на државата и членови на други работни тела;

-утврдува одговорност и вина на партиските членови, која понатаму ја разгледува и
по неа одлучува челникот;

-утврдува предлог за одговорност и вина на членови вршители на јавни должности,
кој понатаму го разгледува и по него одлучува челникот;

-утврдува предлог за исклучување од членство, кој го разгледува и по него одлучува
челникот.

Управителот како и другите членови на Одделот за кадровските прашања можат да ги
вршат своите работи и активности и надвор од седиштето на партијата, а особено
заради непосреден увид и контрола во работењето на избраните/именуваните лица
во сите органи и тела на партијата како и на државни или општествени должности.

Член 40

Во актот за основање на одделите и другите помошни органи и тела се утврдуваат
бројот, надлежноста, раководењето, мандатот и начинот на одлучувањето.

Во органите и телата од ставот 1 на овој член може да членуваат и стручни лица и лица
со авторитет од својата област кои не мора да бидат членови на партијата.

ѓ.Општинското организирање

Член 41

Своите партиско-програмски активности Македон ги остварува на целата територија
на државата, преку организирање на општински ограноци.

Општински ограноци на Македон се организираат во општини каде што бројот
изнесува најмалку петмина членови на партијата.

Член 42

Основен орган на општинските ограноци се општинските окрузи.

Заради подробно организирање на општинските ограноци може да се основаат и
месни окрузи.

Член 43

Општинските окрузи претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските
цели на партијата на територијата на една општина.

Општинските окрузи (ОО):

-утврдуваат насоки за работа и делување на округот на општинско рамниште;

-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од
општински интерес;

-поттикнуваат предлози до партиските органи и тела кои се од интерес за општината
како и интерес на партијата во целина;

-избираат управител на општинскиот округ;

-одлучуваат за основање на месни окрузи (МО);

-предлагаат кандидати за градоначалници, советници во советите на општините и за
пратеници во Собранието на државата, и предлогот на кандидати за
градоначалници, советници во советите на општините и за пратеници во Собранието
на државата го доставуваат писмено до челникот, а челникот пред да донесе одлука
по предлогот бара мислење од Советот на школарите;

-донесуваат деловник за работа;

-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 44

Општинските окрузи се составени од најмалку петмина членови.

Секој општински округ има управител на округот. Управителот на општинскиот округ
го претставува и застапува округот, свикува и раководи со седниците на округот и
врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на округот или органите на
партијата.

Седницата на општинскиот округ може да се свика по барање на мнозинството од
вкупниот број на членови на општинскиот округ.

Управителот се избира од редот на членовите на општинскиот округ.

Управителот има мандат од четири години, избран со мнозинство гласови од
вкупниот број на членовите на општинскиот округ.

Со мнозинство на гласови на седница на општинскиот округ може да се прекине
мандатот на управителот и да се избере друг управител на општинскиот округ.

Член 45

Мандатот на членовите на општинскиот округ е условно доживотен.

Член 46

Општинските окрузи работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку
еднаш на три месеци.

Одлучувањето по точките од дневниот ред се врши со јавно гласање. Одлуката се смета
за донесена ако за неа гласале повеќе од половината од вкупниот број на членовите на
општинскиот округ.

Член 47

Составот на месните окрузи, надлежностите, начинот на работа и одлучувањето и
мандатот на членовите на округот се уредува со одлука на општинскиот округ.

Член 48

Општинските окрузи можат да основаат и други органи и тела заради остварување на
својата дејност.

Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите,
составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.
Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со
одредбите на овој Статут.

e.Задграничното организирање

Член 49

Своите партиско-програмски активности Македон ги остварува и надвор од
територијата на државата, преку организирање на задгранични ограноци.

Задграничните ограноци на Македон се организираат во места каде што бројот
изнесува најмалку петмина членови на партијата.

Член 50

Основен орган на задграничните ограноци се задграничните окрузи.

Член 51

Задграничните окрузи претставуваат единствен орган кој ги остварува програмските
цели на партијата на територијата каде живеат делови на Македонскиот народ.

Задграничните окрузи (ЗО):

-утврдуваат насоки за работа и делување на округот;

-разгледуваат актуелни прашања и заземаат ставови и заклучоци за прашања од
заеднички интерес;

-поттикнуваат предлози до партиските органи и тела кои се од македонскиот
интерес како и интерес на партијата во целина;

-избираат управител на задграничниот округ;

-предлагаат кандидати за пратеници во Собранието на државата, и предлогот на
кандидати за пратеници во Собранието на државата го доставуваат писмено до
челникот, а челникот пред да донесе одлука по предлогот бара мислење од Советот
на школарите;

-донесуваат деловник за работа;

-вршат и други работи кои ќе им ги доверат органите и телата на партијата.

Член 52

Задграничните окрузи се составени од најмалку петмина членови.

Секој задграничен округ има управител на округот. Управителот на задграничниот
округ го претставува и застапува округот, свикува и раководи со седниците на округот
и врши и други работи кои ќе му бидат доверени од страна на округот или органите
на партијата.

Седница на задграничниот округ може да се свика по барање на мнозинството од
вкупниот број на членови на задграничниот округ.

Управителот се избира од редот на членовите на задграничниот округ.

Управителот има мандат од четири години, избран со мнозинство гласови од
вкупниот број на членовите на задграничниот округ.

Со мнозинство на гласови на седница на задграничниот округ може да се прекине
мандатот на управителот и да се избере друг управител на округот.

Член 53

Мандатот на членовите на задграничниот округ е условно доживотен.

Член 54

Задграничните окрузи работат на седници кои се свикуваат по потреба, а најмалку
еднаш на три месеци.

Одлучувањето по точките од дневниот ред се врши со јавно гласање. Одлуката се смета
за донесена ако за неа гласале повеќе од половината од вкупниот број на членови на
задграничниот округ.

Член 55

Задграничните окрузи можат да основаат и други органи и тела заради остварување
на својата дејност.

Со одлуката за основање на другите органи и тела се уредуваат надлежностите,
составот, мандатот и други прашања во врска со работењето на овие органи и тела.
Органите и телата од ставот 1 на овој член не можат да бидат во спротивност со
одредбите на овој Статут.

Ѓ. НАЧИНОТ НА СТЕКНУВАЊЕТО И РАСПОЛАГАЊЕТО СО СРЕДСТВАТА НА
ПАРТИЈАТА

Член 56

Партијата ги стекнува средствата за работа од следниве извори:

-партиска членарина;

-донаторства и прилози од правни или физички лица;

-буџетот на државата и

-од други извори предвидени со закон.

За стекнатите средства од ставот 1 од овој член, за начинот на располагање со тие
средства како и за целокупното материјално-финансиско работење на партијата,
челникот донесува посебен акт.

Е. ПРЕСТАНОКОТ НА МАКЕДОН И РАСПОЛАГАЊЕТО СО ИМОТОТ ВО СЛУЧАЈ НА
ПРЕСТАНОКОТ НА ПАРТИЈАТА

Член 57

Партијата престанува да постои и во случаите утврдени со закон кој се однесува на
политичките партии (врз основа на правосилно решение за бришење од судскиот
регистар; врз основа на забрана за дејствување или кога е намален потребниот број на
членови, во случаи кога Уставниот Суд ќе утврди дека програмата и Статутот не се во
согласност со Уставот на државата како и во други случаи утврдени со закон).

Член 58

Со одлуката за престанокот од членот 57 на овој Статут, се утврдува и субјектот на кој
ќе премине имотот на партијата.

Субјектот од ставот 1 на овој член е Македонската Православна Црква – Охридска
Архиепископија.

Ж. ИЗМЕНУВАЊЕТО И ДОПОЛНУВАЊЕТО НА СТАТУТОТ И АКТИТЕ НА
ПАРТИЈАТА

Член 59

Измените и дополнувањата на Статутот се вршат на седница на Собранието.
Поттик за изменување и дополнување на Статутот на Македон може да поведат
органите на партијата, органите и телата како и општинските и задграничните
окрузи.

Поттик за промена на Статутот може да поднесе и поединец – член на партијата, со
доставување на образложен предлог за изменување и дополнување на Статутот до
челникот.

Овластените поттикнувачи од ставовите 2 и 3 на овој член поттик за изменување и
дополнување на Статутот го поднесуваат во писмен облик. Писмениот предлог се
разгледува во органите и телата на партијата, а предлогот го утврдува Советот на
школарите кој го става на гласање на седница на Собранието.

Член 60

Изменувањето и дополнувањето на другите акти на партијата се вршат на начин како
за нивно донесување.

З. ЗАВРШНИТЕ ОДРЕДБИ

Член 61

Толкувањето на одредбите на Статутот врши Советот на школарите.

Толкување на другите акти на партијата даваат органите кои се овластени за нивното
донесување.

Член 62

Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се применува со
уписот на Македон во судскиот регистар на политичките партии

ПО Македон
Политичка организација на Македонците

ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ

© ПО МАКЕДОН. СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ.